Пациенти од велешката болница вртат во Брза Помош, нема кој да им помогне!
Почитувани,
граѓаните го изгубија правото на здравствена грижа во болниците.
Тотален хаос и целосен распад на системот доживува нашата држава под владеењето на СДС и ДУИ.
Фрапантна и згрозувачка е информацијата што ја добивме пред неколку дена, а што се случила пред месец и половина во велешката болница.
На 22.01.2024 година, пациент во неподвижна состојба со шипки на рацете и ‘рбетот, паднал од болничкиот кревет на физикалното одделение во велешката болница и повеќе од 2 часа не добил помош од персоналот на одделението иако безнадежно ги повикувал. Во таква беспомошна состојба пациентот успеал да го дофати својот мобилен телефон и да се јави на бројот 112 и да повика брза помош. Тие пристигнале, но никој не успеал да ги слушне и не им отвориле. Бидејќи повикот се прекинал и мислеле дека пациентот е во критична состојба биле принудени заедно со болничкото обезбедување, да ја разбијат вратата на одделението за да влезат и да му пружат помош на пациентот.
Нели е срамота? Дали има во оваа држава барем малку морална и човечка одговорност? Очигледно е дека господа од СДС и ДУИ ве интересираат само бизнисите и криминалните зделки, но како барем малку не се засрамите и не почнете да водите грижа за граѓаните.
Малку ли беше што го продадовте и го пониживте овој народ, му ги ускративте и основните човекови права, го заробивте во сопствената држава, но зарем луѓе во болничките кревети треба да се јавуваат во брза помош за да добијат основна нега.
Зошто повеќе од еден месец се крие и не е решен случајот? Дали и овој пат сакате да го сокриете настанот како во случајот со градинката кога воспитувачка им даваше на децата да пушат електонска цигара?
Како пратеник и граѓанин на Велес, од овде ги повикувам сите надлежни институции, веднаш да реагираат и да го расчистат случајот. Згрозен сум од помислата дека и на други одделенија се случува истото и животи се доведени во прашање.
Почитувани, за многу кратко народот ќе си ја врати државата и во оваа држава ќе има систем на вредности, но и одговорност. За многу кратко народот ќе ја збрише оваа одродена власт и ќе ја испрати во историјата затоа што никогаш не било полошо!